




Дали знаевте дека програмата Еразмус+ вклучува многу повеќе од само студирање семестар во странство?
Минатата недела од 07.08 до 15.08.2021 год, Мила Младенова од Струмица, Лилјана Танчева од Гевгелија и Теодора Петровска од Тетово учествуваа на тренинг курсот за социјално претприемништво „Повеќе од пари“ (More than money), прекрасно еднонеделно искуство во Гора Калварија, Полска. Тренингот беше поддржан од програмата Еразмус+, а организиран од http://www.yowopoland.org/, додека нашите учесници ги испрати партнерската организација Youth Empowerment Association.
Во Гора Калварија во Полска се одржа Еразмус+ тренинг курсот “More Than Money“. Курсот беше организиран од @YoWoPoland на многу важна тема, која е иднината на бизнис моделите – социјално претприемништво. Група млади од 8 европски земји истражуваа на темата преку различни работилници и симулации, имаа можност да креираат бизнис модел за социјално претпријатие и истото да го презентираат пред потенцијални инвеститори. Организаторот овозможи да посетат неколку социјални претпријатија во Варшава, меѓу кои и ресторанот Different – ресторан во темница, кој е доста популарен, а е важен затоа што на гостите им се служи храната во тотална темнина, со што за време на оброкот им се “одзема“ сетилото за вид. Целта на овој ресторан е да ги стави луѓето во кожата на слепите лица, а самиот ресторан вработува 6 слепи лица како услужен персонал. Овој бизнис е идеален приказ за социјално претпријатие односно бизнис кој враќа назад кон општеството.
На овој тренинг курс, младинските работници се запознаа и со различните култури, традиции и обичаи во земјите – учеснички на овој проект, а имаа и можност да се стекнат со многу нови пријателства.
Тренинг курсот “More than money“ е проект финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Комисија, а по неговото завршување сите учесници добија официјален сертификат – Youthpass кој е интернационално признат документ кој ги рефлектира стекнатите знаења и вештини и кој отвора доста врати. На овие тренинзи може да учествуваат лица над 18 години, без крајно ограничување на возраста.
Еразмус+ програмата освен тоа што им овозможува на учесници од eвропските земји да студираат и да завршат дел од своите студии во некоја друга држава, овозможува и бесплатно учество (трошоците за пат, сместување и храна се целосно покриени од програмата) на вакви краткорочни мобилности – младински размени и тренинг курсеви на различни теми кои го опфаќаат и неформалното образование како алатка за едукација надвор од училишните клупи.